Check it out , there is some news in the tourist section >

Старата чаршија е најскопското место на Скопје

Последниве години чаршијата е и најсилниот бедем против гетоизирачкиот бран на развојот на градот, во кој поделбата на жителите на левиот и на десниот брег е сѐ поекстремна. На нејзините сокаци сѐ уште можете истовремено да ги сретнете и „левите“ и „десните“, и булите и модерните девојки, да ги чуете во дует и оџите и диџеите.

БЕДЕМ ПРОТИВ ГЕТОИЗИРАЧКИОТ БРАН

Папок на градскиот организам или скаменета подзаборавена историја што има малку допирни точки со сегашноста се различните визии што изминативе децении ја обележаа судбината на Старата скопска чаршија. Обожавана или сосема игнорирана, чаршијата по сите параметри сѐ уште е најавтентичното јадро на Скопје и слика на богатата историја, но и на турбулентната сегашност. Последниве години чаршијата е и најсилниот бедем против гетоизирачкиот бран на развојот на градот, во кој поделбата на жителите на левиот и на десниот брег е сѐ поекстремна. На нејзините сокаци сѐ уште можете истовремено да ги сретнете и „левите“ и „десните“, и булите и модерните девојки, да ги чуете во дует и оџите и диџеите.

- Има еден концепт за центарот на светот за луѓето, но и за градовите: „L Umbelico del Mondo“ (папокот на светот). Мислам дека за Скопје и скопјани тоа секогаш била - чаршијата. Дури и ваква каква што е сега, таа сѐ уште е убавица што намерникот може да ја види дури откако ќе влезе, фигуративно, во спалната соба. Таа убавица и низ вековите се покажала дека е ханума (госпоѓа), каде и да ја извадиме: и во кујна и во дневна соба. Од нејзината убавина имаме само полза. Таа само може да нѐ направи уште поголеми скопјани, а Скопје повеќе - вистински град - вели Рамадан Рамадани, докторанд по историја на културата при Институтот за национална историја.

За уметникот Игор Тошевски, кој своите младешки талкања ги почнал токму под нејзините стреи, чаршијата беше овдешната клучна арена на различности и контрасти, со своите собиралишта, чајџилници и кафулиња, како „Галерија 7“, „Атила“, „Аксарај“, кафулињата „21“, „Џаџо“, „Мондријан“ и малите ресторанчиња. Според него, тоа остана и денес.

- Наспроти градскиот плоштад и неговата околина, кои станаа заднина на застрашувачки монументи и лажни фасади, Старата скопска чаршија сѐ уште ја има задржано органската архитектонска структура, која можеби повеќе од кога и да е внесува нота на топлина, хуманост и историска реалност. Затоа, не е чудо што таа повторно стана прибежиште на луѓе на кои им е потребна доза растовареност од сеприсутната доминација на билбордите и урбанистичките експерименти - вели Тошевски.

Чаршиско дете - синоним за урбан човек

Во меморијата на неколку генерации сѐ уште е жива сликата на првите запалени светла на џамиите, кои во врелите лета го навестуваа крајот на денот и почетокот на еден поинаков живот низ чаршиските сокаци. Откако занаетчиите ќе ги затвореа своите кепенци, собирајќи ги шарените бонбони и леблебии, кадифени влечки, јоргани и фустани везени со срма, чаршијата ги отвораше своите порти за некои други намерници. Река луѓе од другата страна на Вардар се влеваа во нејзиното средиште, кое почнуваше да вибрира во ритамот на рокенролот, на љубопитството и вкусот на авантурата, кои лебдеа над нејзините темни сокаци. Тука се седеше на расклатени столчиња, се пиеја чај, лимонада и пиво, бескрајно се мудруваше во зачадените чајџилници или се уживаше во мирните прошетки засладени со падобранците од „Ригара“. Тука можеби беше и првиот современ бунт против конформизмот и елитизмот, кои на големо „фаќаа корен“ од другата страна на Вардар.

- Чаршијата долги векови била редок мегдан каде што можело да се сретне, запознае или разбере „другиот“. Ова го аргументираме со тоа што и денес во најчестите три јазици во Македонија: македонскиот, албанскиот и турскиот, се употребува синтагмата: чаршиско дете - вели Рамадани.

Токму тоа е синтагмата што најдобро ја отсликува душата на старото градско јадро од чии посетители се регрутираа вистински космополити на кои почитта и прифаќањето на другите култури им беше природно како здивот.

Новокомпонираното инсистирање на мултикултурност нема ништо заедничко со ова. Напротив, се претвора во исфорсирано и исплакнато поимање на она што некогаш се живеело сосема спонтано и природно.

- Колку повеќе се инсистира на овие параметри, толку помалку соживот ќе има, а тоа го гледам токму сега. Скопје, па и Македонија, секогаш биле синоним на мешање обичаи и култури и нивните испреплетености. Можеби тоа повторно ќе се ревитализира, но не како платформа на коегзистенција или т.н. интеркултурна соработка - подвлекува Тошевски.

Убава и безбедна како и порано

Споменичното јадро, Старата скопска чаршија, последниве години, за жал, не успеа да куртули од униформноста на суровиот консумеризам, кој се заканува да ја претвори токму во она од што бегаа нејзините најголеми почитувачи.

- Некои делови се едноставно натрупани со смешно гласни кафулиња и клубови, чие присуство е антипод на постарите локали. Потребата за вакви места е природна работа, но жал ми е што за многумина тоа станува само уште еден повод за правење профит, па дури и политички манипулации, што е консеквенција на состојбите во нашата сегашна девалвирана култура - вели Тошевски.

Според Рамадани, пак, и покрај непреземањето посериозни зафати околу уредувањето на приодите кон чаршијата, таа сѐ уште ја има некогашната магнетска моќ.

- Со самото нејзино опстојување, чаршијата, сепак, останува најскопското место на Скопје. Дури и во најтешките години на затворање на приодите кон неа, гледавме река странски туристи што се пробиваа по тенките приоди за да ја видат чаршијата и да го почувствуваат Скопје - вели Рамадани.

Деновиве сѐ поактуелни се и организираните прошетки по т.н „Отоманско Скопје“, кои ги опфаќаат сите позначајни турски споменици начичкани токму во Старата скопска чаршија.

- Чаршијата е убава и безбедна како и порано. Домашните граѓани и странските туристи најмногу се привлечени од мирисите на зачини и јадења, кои се мешаат со амбиентот типичен за една профана отоманска архитектура, додека, пак, странските гости се маѓепсани од архитектонскиот микс - подвлекува Василка Димитровска, археолог и професионален туристички водич.

Стара, турска или скопска, сеедно, чаршијата сѐ уште успева да ја живее својата изворна етимологија. Имено, зборот „чаршија“ има потекло од персискиот „чар-су“, што се преведува како „четири тека“ или „четири страни“, или место на собирање луѓе од сите страни на светот.

Настани