Check it out , there is some news in the tourist section >

Ајварот по македонски рецепт ги збудале американците

Наша цел е ајварот да стане нешто што редовно ќе се наоѓа на секоја американска трпеза - велат нашите соговорници-Македонци со американска адреса, кои го нашле своето место на големиот пазар во САД, снабдувајќи го со квалитетна македонска зимница од сопствено производство.

Ирена Ивановска и нејзиниот брат Киро Ивановски, со родителите Иванчо и Лиле, се доселиле во Америка во 1987 година. Нивнот татко во тоа време бил испратен во Америка како претставник на Металски Завод Тито.

На почеток, поточно, откако во 1991 година решил да остане во Америка, Иванчо Ивановски ја основал компанијата Фаст-Пак Трејдинг, која работела со увоз на машински делови од Македонија. По некоја игра на случајности, на почетокот на 1999 година, започнал да увезува мали количини на прехранбени производи од Македонија. За многу кратко време, компанијата целосно се преориентирала кон увоз и продажба на храна.

Она што започнало како мал магацински простор од 5.000 метри квадратни, сега се простира на површина од 75.000 метри квадратни во Њу Џерси, а освен со увоз на производи, сега нивната компанија се занимава и со сопствено производство на производи кои веќе ја стекнале довербата на потрошувачите под етикетата на нивниот Ва-Ва бренд.

Органски производи мејд ин Македонија

Семејната компанија Фаст-Пак Трејдинг го снабдува пазарот во САД, главно со производи  од балканските земји, но и од Унгарија, Нов Зеланд итн. Нивните производи се здрави, природни и органски и со тоа интересни за американските потрошувачи кај кои се повеќе расте интересот за здрава и органски произведена храна. Секако, најголемиот дел од производите, односно оние кои и најмногу се форсираат од семејството, се производите што потекнуваат од Македонија. Најпознати се токму тие кои ја носат етикетата на Ва-Ва брендот, а меѓу нив, дефинитивно, најбаран е македонскиот Ва-Ва ајвар во лута и во блага варијанта.

Под брендот Ва-Ва, освен ајварот, многу се популарни и лутеницата, полнетите пиперки со сирење, пинџурот, малиџаното и сите видови туршии специфични за македонското поднебје.

Директна и онлајн продажба

Покрај Македонците кои живеат во Америка, оние од поранешна Југославија, како и оние од поранешните советски држави, производите се популарни и кај Американците. 

Името на брендот Ва-Ва е скратеница од имињата на основачот на компанијата и неговиот деловен партнер во Скопје, Ванчо Стојаноски, кој е задолжен за остварување на контактите со многу фирми на Балканот кои сакаат да ги пласираат своите производи во САД.

- Во изборот на производите, нашата компанија бара постојан квалитет, добар вкус, здрави и природни состојки без многу адитиви и атрактивно дизајнирана амбалажа, вели Киро Ивановски, кој е во компанијата од 2004 година, а сега веќе и нејзин прв човек.

Инаку, Фаст-Пак Трејдинг постои и физички и како онлајн продавница со што и можностите за пласман на производите се уште поголеми. 

Меѓудругото, Фаст-Пак Трејдинг е ексклузивен застапник на Airborne медот од Нов Зеланд, Granny's Secret овошни производи од Србија, но најголем дел од производите се од Македонија.

- Освен што произведуваме ајвар, лутеница, малиџано, туршии и многу други производи, ние соработуваме со многу македонски фабрики како Европа, Винчини, Виталиа, Витаминка, Анета, Коро, Кватро, Свислион и други. Пред кратко време започнавме и со увоз на македонско сирење што е произведено во Вардар - Градско, вели Ирена.

Нивните производи можат да се најдат во самопослуги во речиси секоја американска држава и во речиси секој поголем американски град. Со помош на онлајн продавницата, пак, задоволена е побарувачката на тие места каде што нивните производи се уште ги нема во директна продажба.

Промотори на Македонија

Семејството Ивановски преку својата компанија е голем промотор на македонските производи. Тие константно ја потенцираат и промовираат Македонија, како земја на високо квалитетни прехранбени производи.  Рецептите на сите производи на Ва-Ва се традиционални домашни македонски и тој факт е проминентен дел од нивниот маркетинг на линијата на Ва-Ва производи.

Во Македонија доаѓаат најмалку два пати во годината. Тогаш ги прават и новите договори, како и проверка на квалитетот и одржување на бизнис контактите. Нивнот партнер во Македонија веќе започнува да ја проширува линијата на Ва-Ва производи и во македонските маркети.

- Горди сме што ја започнавме Фаст-Пак Традинг од ништо и што со време прераснавме во успешна компанија. Драго ни е што им помагаме на македонските компании да ги пласираат своите производи на американскиот пазар, а во исто време и ја шириме македонската храна во Америка. Луѓето со кои соработуваме од Македонија и од другите земји, ние ги вбројуваме меѓу нашите пријатели и ги сметаме за дел од семејството. Особено претендираме да работиме со други мали, семејни компании зашто така можеме да воспоставиме лични односи и да гарантираме квалитет на нашите производи. Голем дел од нашиот успех се состои во тоа што истовремено, додека ја учевме и се прилагодувавме на американската култура, ги задржавме македонските обичаи и мајчиниот јазик, вели Ирена 

Таа е горда и благодарна што имала можност да се школува на некои од најдобрите факултети во Америка, да учи и да ја развива страста за тоа што најмногу ја интересира.
Има завршено биоинженеринг на Универзитетот Колумбија. Докторирала по молекуларна биологија на Универзитетот Принстон на тема на механизмот на делба на клетки, а потоа завршила пост-докторат во Вајтхед Институтот на МИТ. Во тој период добила неколку престижни школарини. Работела во истражувачките лаборатории на Мер каде што учествувала во истражувања во најраните етапи на пронаоѓање нови лекови за рак и имунитетни болести (како реума, астма, итн.).

Киро Ивановски завршил компјутерски науки на Универзитетот Рутгерс.

Настани