Check it out , there is some news in the tourist section >

Стојан Србиновски: Вардар ќе биде чист како пред 50 години

Директорот на „Водовод и Канализација“, Стојан Србиноски во интервјуто за Дневник говори за проектите кои ќе се превземат со цел целосно чистење на водата на реката Вардар. Интервјуто ви го пренесуваме во целост.

Етапно се менуваат азбестните цевки, се вложува во нова фекална и атмосферска канализација, а следната година, со помош од Владата, ќе почне и изградбата на пречистителната станица од 100 милиони евра, со која ќе се филтрираат отпадните води што ја загадуваат реката Вардар.

Годинава се одбележуваат 105 години од основањето на претпријатието. Направете кратка ретроспектива за развојот на водоснабдувањето на главниот град. 

Со ископот на првиот бунар под Kале во 1907 година, формирано е и претпријатието „Водовод и канализација“. Водата била црпена механички преку потисна пумпа, систем од железни цевки, опремен со водомери. Потоа била дистрибуирана до куќите од најблиската околина. Револуционерен зафат во водоснабдувањето, се случил три децении подоцна. Првата каптажа „Рашче“ е изградена во 1936 година од каде што водата се доведувала преку цевковод. Една година подоцна, градот се поврзува со изворот.

Главните насоки, планско и систематско обмислено планирање на мрежата се случува во 1946 година. Сепак, клучни години се 1963 година, тогаш е изградена новата каптажа „Рашче 1“ и 1964 година кога е реализиран главниот цевковод, како и бунарското подрачје Нерези. Неколку години подоцна и вториот главен цевковод „Рашче 2“. На почетокот на 90-тите години од минатиот век, пак, е пуштено во употреба бунарското подрачје Лепенец. Потребите за вода за целиот град во целост се обезбедуваат од Рашче, а сосема мал процент од Нерези и од Лепенец. Двете каптажи може да ги задоволат потребите на еден милион жители. 

Реката Вардар, која некогаш служеше за капење, сега е загадена до највисокиот петти степен, поради недостиг од колекторски систем за прочистување на отпадните води. Планирате ли нешто да смените?

Изградбата на пречистителната станица во Трубарево е од исклучителна важност, како за Скопје, така и за квалитетот на водата на Вардар. Фекалните води сега испуштаат во реката непреработени. Со нејзината изградба ќе се врати квалитетот на водата од пред половина век, кога постоеле градските плажи и луѓето се капеле. Потребно е да се изградат два колектора на левиот и на десниот брег, во кои ќе се собираат сите фекални отпадни води од градот. Потоа ќе се одведуваат до пречистителната станица и ќе се испуштаат во реката. За приградските населби, како Сарај, Kондово, Волково и Ново Село, исто така се предвидени пречистителни станици. Главниот проект го подготвува Министерството за животна средина, а изведбата чини приближно 100 милиони евра. Реализацијата е заеднички проект на Градот со Владата и очекуваме да почне следната година, а да заврши до крајот на 2018 година.

Во светот веќе се размислува за концепти за прочистување на загадената вода, од која би се добила чиста вода за пиење. Kако ние ги следиме тие трендови?

Kако идеен изворник на вода се предвидува хидросистемот„Скопско Поле“ кој е повеќенаменски проект. Тој ќе овозможи долгорочно обезбедување на Скопје со вода за пиење, за индустријата, а и за наводнување на обработливите површини во Скопско Поле. Исто така и заштита од поплави и енергетско искористување на водите од реките Треска и Kадина Река. 

Скопјани, иако се меѓу ретките граѓани во Европа кои пијат чиста изворска вода, сепак не ја користат совесно. 

Потврдно е дека овој непроценлив природен благодат до тој степен е физички, хемиски и бактериолошки чист, што нема потреба од друг третман, освен превентивно хлорирање. Но, како претпријатие се соочуваме со одреден број корисници кои водата ја злоупотребуваат за наводнување на своите ниви и дворови, разладување тротоари и улици, што придонесува за намален притисок за корисниците од повисоките зони од градот. Тука се и нелегално приклучени лица, кои водата ја злоупотребуваат за полевање, па принудени сме да правиме редовни и вонредни акции за исклучување на истите. Меѓутоа, и покрај несовесноста на одреден дел од корисниците, во целост ги задоволуваме потребите за вода. 

Многу се зборува во јавност за менување на азбестните и на поцинкувани цевки, но тоа оди етапно. Kои се предностите од нивната замена за претпријатието и за граѓаните? Имаат ли врска со загубите на вода?

Да, со нив се намалуваат повредите на мрежата, а воедно и загубите на вода. Секоја година одвојуваме значителнa сума финансиски средства и тоа од 2008, па заклучно со 2011 година - инвестирани се 460 милиони денари. Односно, во 2008 година, 100 милиони, а 2009, 2010,2011 година по 120 милиони денари. Во изминатата 2011 година се реконструираа, односно заменија 15 км азбест-цементни и поцинкувани цевки од постојната водоводната мрежа или вкупно од 2008 заклучно со 2011 години, заменети се 55 км азбест-цементни и поцинкувани цевки. 

Годинава вложивме 120 милиони денари во реконструкција на 15 километри азбест-цементни и поцинкувани цевки. И во наредната 2013 година ќе продолжиме со замена на азбест-цементните и поцинкувани цевки со квалитетни материјали, со цел осовременување на постојната водоводна дистрибутивна мрежа, а тоа за нашите корисници значи подобро и поквалитетно водоснабдување. Во лоцирање на загубите ни помага системот за далечинско отчитување и комбинираните индустриски водомери. Ќе продолжиме со нивна набавка бидејќи ни овозможуваат читање на водомерите без нарушување на приватноста на граѓаните, а исто така и ни сигнализираат дефекти во внатрешната мрежа и неовластено манипулирање со водомерите. Исто така продолживме со набавка и со инсталација на зонски мерачи на проток и редуктори на притисок. 

Со зонските мерачи на проток се воспоставуваат зони на потрошувачка како адекватен метод за контрола на загубите на вода. Така ќе се создадат услови за перманентното следење на протокот во одредени зони на потрошувачка, кое ќе резултира со рано откривање на дефектите и значително редуцирање на времето потребно за регистрирање, локација и санација на дефектот. Инсталацијата на редукторите на притисок подразбира имплементирање на Фундаменталната стратегија за намалување на загубата на вода во водоводниот систем, преку одржување на работниот притисок во системот на минимално дозволеното ниво.

Ќе се инсталира и софтвер со помош на кој ќе се врши прием, анализа, графичко преставување, валидација, групирање по локации на сите податоци од проток и притисок добиени од мерачите на проток и редукторите на притисок. Софтверот исто така ќе овозможи на дневна основа калкулација на сумарниот проток, притисок, минимален ноќен проток, минимум, максимум и просек на сите мерени вредности, билансот на потрошувачка на вода по метода International Water Association, приориттети и планирање за систематско испитување на одредени зони на потрошувачка.

 

Настани