Министерството за транспорт и врски распиша објава за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање во Општина Центар.
Предмет на електронското јавно наддавање е градежно неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија, предвидено со Детален урбанистички план Градска четврт „Дебар Маало 1", со намена за изградба на органи на локална самоуправа (51%) со компатибилни класи на намени- мали комерцијални и деловни дејности, големи трговски единици, големи угостителски единици, деловни дејности и култура (49%).
Согласно Одлука на Советот на општина Центар и согласно одлука на Советот на Град Скопје, најповолниот понудувач за оваа локација ќе биде ослободен од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште (комуналии) за изградба на објектот и оттука уредувањето на градежното земјиште ќе биде на товар на најповолниот понудувач.
Право на учество на јавното наддавање имаат физички и правни лица кои ги исполнуваат условите дадени во самата објава, која е објавена во дневните печатени медиуми, а исто така во целост ја има и на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски.
Најповолниот понудувач на електронското јавно наддавање ќе биде должен на свој трошок, во целост да го изгради објектот со намена „локална самоуправа "и по изградбата истиот, без надомест, да го предаде во владение на општина Центар. За ова, најповолниот понудувач пред склучување на договорот за отуѓување на градежното земјиште ќе треба да склучи договор со општина Центар со кој ќе се утврдат правата и обврските за изградба на објектот кој ќе биде со намена „локална самоуправа". Објектот ќе треба да биде изграден во завршна фаза без ентериерно уредување, врз база на идејно решение и Основен проект со технички изработени од страна на Општина Центар.
Почетна цена на електронското јавно наддавање изнесува 2.800 денари од метар квадратен, односно. Вкупната почетна цена на градежното земјиште изнесува 21.078.400 денари.
Пријавите за учество на јавното наддавање можат да се достават до 19.11.2012 година на адреса на Министерството за транспорт и врски: ул. "Даме Груев" бр. 6, Скопје, или директно во писарницата на министерството.
Јавното наддавање ќе се оддржи електронски на интернет страницата www.gradezno-zemjiste.mk, истото ќе започне на 26.11.2012 година, во 10:00 часот и ќе трае 1 (еден) час.
Исто така, во тек е јавна објава за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонијa по пат на електронско јавно наддавање во Општина Аеродром.
Најповолниот понудувач е должен пред склучување на договорот за отуѓување на градежното земјиште да склучи договор со општина Аеродром за изградба на oбјект со намена „јавни институции", односно административна зграда за потребите на општина Аеродром. За оваа локација, исто така од страна на Совет на општина Аеродром е донесена одлука за ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште. Пријавите за ова јавно наддавање можат да се достават до 01.11.2012 година.
Tweet