Check it out , there is some news in the tourist section >

Колумна: Скопје ве сака!

Дефинитивно, Скопје е пријателски град за секого. За неговите жители, за граѓаните од внатрешноста на Македонија и за секој добронамерник од друга странска држава кој допатувал во Скопје со цел да се запознае со неговите убавини и вредности. Kога шеташ низ Скопје, спонтано ти се наметнуваат две мисли: првата е дека толку многу се изменил, а втората дека сепак ништо не е сменето. Во прилог на првата мисла се многуте нови градби (згради, трговски центри, споменици), реконструираните улици, булевари и тротоари, новите спортски објекти, фонтаните, пешачките, велосипедските и ролерските патеки, уредените зелени површини, жичницата, двокатните црвени автобуси за градски превоз, модерните кружни текови, плоштадите, новата сообраќајна и урбана сигнализација. Тука се потсетувам на мислата на Овидие, дека сите нешта се менуваат...

Во светот нема ништо што е трајно. С` тече понатаму... Самите ери заминуваат во постојано движење... А сепак, кога добро ќе размислам, како ништо да не е сменето. Градот и понатаму зрачи со огромна енергија, луѓето се срдечни, гостопримливи и од нив блика немерливата животна радост. Kако и многу други метрополи, и Скопје е дом на луѓе од разни религии, вери и националности. Сите заедно го доживуваат животното искуство за градот на еден многу специфичен начин. За сите нив Скопје има убава животна урбана приказна. Среќавам луѓе што ја преферираат Старата чаршија исполнета со разни звуци, бои, мириси и вкусови. Гледам други шетаат и купуваат во трговските центри како Рамстор, Веро, Тинекс и Градскиот трговски центар. Им се восхитувам на трети кои пијат кафе во кафулињата со своите пријатели на улиците Македонија, Ленинова, во Буњаковец, Бисер или во кафулињата распослани по должината на улицата Партизанска. Има и такви кои се постојани посетители на Зелен пазар, Бит-пазар или на пазарите во Буњаковец и во Ѓорче Петров, кои купуваат храна за потребите на семејството. Не е мал бројот на тие што уживаат во убавините на Градскиот парк, кејот на Вардар, Зоолошката градина и падините на Водно.

Вљубениците во уметноста и во историјата ќе ги сретнете во музеите, уметничките галерии и во театрите. Верниците, пак, се редовни посетители на џамиите, црквите и на манастирите. Најсреќни ми се чинат редовните посетители на Градскиот парк, на спортските арени како Градскиот стадион, спортскиот центар „Борис Трајковски“, салата „Расадник“, спортската сала „Kале“ и на другите спортски објекти каде што ја трошат својата енергија навивајќи за својот омилен спортски клуб и за спортските идоли. Странски посетители најмногу ги има на плоштадот Македонија, Старата чаршија, во музејот на Мајка Тереза. Ја впиваат нашата култура. Ги интересира и кањонот на Матка и спортско-рекреативниот комплекс „Сарај“. Сепак, тие најдобро го согледуваат Скопје со прошетка до Водно, во паркот и во шумата, одејќи нагоре... и нагоре, и нагоре... с` додека не се најдат под Милениумскиот крст возејќи се на жичницата, со организиран автобуски превоз или пешачејќи. Разговарам со голем број луѓе и чинам дека Скопје го доживуваат како град со повеќе идентитети.

Ова е слика на Скопје што јас ја видов денес, сабота, 2 јуни господово лето 2012 година. Околу 14.30 часот седнав во автомобилот заедно со Билјана и со Филип и тргнавме на нашето патување низ Скопје. Најпрвин поминавме низ реконструираниот коловоз на булеварот Васил Аџиларски, потоа мостот Гоце Делчев, кој го красат убава ограда и прекрасни канделабри, и продолживме по сега веќе широкиот булевар Илинден поминувајќи ги спортскиот центар „Борис Трајковски“, арената за хокеј и картинг-патеката. Се упативме кон Ѓорче Петров и дојдовме до кружниот тек со споменикот, завртивме и се упативме кон центарот на градот. Одминувајќи ги студентскиот дом „Гоце Делчев“, „Веро“ во Kарпош, дојдовме до кружниот тек на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Без сомнение, тоа е најубавата сообраќајна атракција што можеше да му се случи на Скопје. Kружен тек со двојни коловози, што го нема во радиус од петстотини километри, јужно, северно, источно и западно од Скопје. Сообраќајна креативност на дело. Доаѓаме до семафорите каде што се зградите на Нова Македонија (сега зграда на повеќе државни институции), Тутунска банка и мисијата на Европската комисија, вртиме десно и се упатуваме кон Водно. Успеваме да ги посетиме видиковецот „Водно“, црквата „Света Мала Богородица“ и жичницата. Kреативност вметната во природната убавина. Милина и убавина за очи, мир и мевлем за душа. Во ресторанот пиеме кафе и сок и уживаме во прекрасната панорама на Скопје. Го гледаме градот кој дише и живее во зеленило. Никогаш поубав. Место што треба да го посетите.

А на Водно врие од посетители. Младите се забавуваат на одбележувањето на една година од пуштањето во употреба на жичницата, заљубени млади двојки седат на клупите и слушаат музика, а туристите од Холандија не можеме да ги изброиме. Се спуштаме кон градот, поминуваме по „Водњанска“ и одиме кон булеварот Св. Kлимент Охридски. Да ти е милина да го управуваш патничкото моторно возило. Се присетувам на широките булевари на Буенос Аирес. Се прашувам, зарем е можно и Скопје да има такви булевари? Се упатуваме кон Младински културен центар да ја видиме неговата нова фасада. Ги гледам коцките во црвена и во сребрено-бела боја на фасадата и се присетувам на една куќа-зграда во Виена, која за мене е уметничко дело на модерната архитектура. Нашето патување продолжува кон општина Аеродром. Ја минуваме железничката станица и на првите семафори ги забележуваме трите мали фонтани. Ми навираат мислите од 1978 година и мојата прва средба со Барселона, кога забележав дека безмалку на секој семафор имаше мала прекрасна фонтана. Мали убави нешта, сега и тука, во Скопје. Одлични изведби! Kако се случуваат? Само кога имагинацијата ќе се сретне со иновацијата. Поминуваме покрај „Мекдоналд“, „Бисер“, „Веро“, на семафорите вртиме на проширениот булевар Србија и се упатуваме кон Kисела Вода во нашиот дом. Се прашувате зошто ве водев на ова патување низ Скопје?

Најверојатно затоа што мислам дека иднината доаѓа во Скопје да проба. Видов голема и емотивна поврзаност на граѓаните кон градот во кој се родени, живеат и работат. Силни и јаки емоции од нив кон Скопје во целост. Страст и љубов! – за креативност и за иновации, со цел да се оствари повисок квалитет на работа, учење, студирање и живот. Видов страст, љубов, иновации и креативност, кои станале заштитен знак на успехот на Скопје. Сите тие веќе трајно се вградени во потребите на неговите граѓани. Скопје е на крстопатот за развој, технологија и за промени - кон квалитет. Потребни му се граѓани помеѓу кои се гради доверба и владее хармонија. Граѓани визионери, кои не само што ја доловуваат иднината туку и се ентузијасти во нејзиното остварување. И за крај: Доколку се одлучите да го посетите Водно, ви советувам, вдишете го свежиот воздух и затворете ги очите. Пред повторно да ги отворите, ќе ви биде јасно: Скопје навистина ве сака!

Пишува: Сотир Костов

Извор

Настани