Оливера Наковска - Бикова и Ванчо Каранфиловски се двајцата македонски спортисти кои ќе ја претставуваат Македонија на 14. Параолимписки игри што од 29 август до 9 септември ќе се одржат во Лондон.Тие ќе се натпреваруваат во три дисциплини: воздушен пиштол, спортски пиштол на 25 метри и малокалибарски пиштол на 50 метри.
Се надеваат на успешен настап на игрите и влез во финалето во некоја од дисциплините кадешто ќе се натпреваруваат.
- Без оглед на сите потешкотии кои не следеа во последната подготвителна година се надеваме на успешен настап. Да се влезе во финале на голем спортски настап на кој ќе учествуваат над 4.200 спортисти од 164 држави не е мала работа, а кога сте во финале се е можно, може медалот да биде на дофат. Немаме таков императив, но квалитетот кој го поседуваат спортистите говори за тоа, истакна денеска на прес-конференција тренерот Бранимир Јовановски.
Македонските спортисти ќе настапат на 30 и 31 август во дисциплината воздушен пиштол, потоа на 3 септември во дисциплината спортски пиштол на 25 метри и на 6 септември ќе биде заокружен нивниот настап во дисциплината малокалибарски пиштол на 50 метри.
На свеченото отворање на 29 август македонското знаме ќе го носи Бранимир Јовановски, а церемонијата на подигање на македонското знаме во Олимпиското село е закажана за 23 август.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој им посака успех на македонските спортисти, најави дека и во иднина Владата ќе ги поддржува спортските активности на здруженијата на лицата со инвалидност.
- Овие спортисти покажаа и докажаа дека знаат соодветно да ја претставуваат Република Македонија. Тоа го прикажаа низ бројните медали кои во изминатиот период ги освојуваа како доказ за нивниот успех, рече Ристовски.
Ова се првите Параолимписки игри што се организираат заеднички со Олимписките игри што, според британскиот амбасадор во земјава Кристофер Ивон, го покажува ставот на Велика Британија кон лицата со инвалидност.
Првите игри за лица со инвалидитет пред 64 години се одржани во Обединетото Кралство. На нив учествувале само 16 поранешни припадници на бзебедносните сили. Годинава, се очекува да учествуваат над 4.000 спортисти кои ќе се натпреваруваат во околу 500 дисциплини. Досега се продадени над два милиони билети.
Tweet